Продолжи судскиот процес за модуларната болница во Тетово

Со читање на писмените докази од страна на одбраната, денеска продолжи повторениот судски процес за обвинетите Флорин Бесими и Артан Етеми, и ЈЗУ Клиничка болница во Тетово, како правно лице, кои се обвинети за кривичното дело „тешки дела против општата сигурност“, а во врска со пожарот што на 8 септември 2021 година изби во модуларната болница во Тетово при што животот го загубија 14 лица.
Откако одбраната ги прочита писмените докази кои тие ги доставуваат, од страна на Обвинителите беше побарано, заради ефикасност на постапката, наместо да се повикаат нивните сведоци и повторно да се сослушаат, да се изврши читање на исказите кои тие ги дадоа при првото судење.
По дадена пауза од половина час, за да може да се консултира за овој предлог, одбраната го прифати овој предлог. Во делот пак на предложените сведоци од страна на одбраната, адвокатот на прво обвинетиот Флорин Бесими, предложи три сведоци кои побара да бидат сослушани на наредното рочиште.