
Во Собранието денеска седници ќе одржат две комисии – Комисијата за прашања на изборите и именувањата и Комисијата за финансирање и буџет.
Во собраниската Комисија за финансирање и буџет продолжува амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2025 година. Вкупните приходи во Предлог-буџетот се планирани на ниво од 358,8 милијарди денари, а расходите на ниво од 400,2 милијарди денари. Буџетскиот дефицит е проектиран во апсолутен износ од 41.350 милиoни денари или на ниво од 4 проценти од планираниот БДП. Инфлацијата се очекува да се намали на ниво од 2,2 проценти, како резултат на стабилизирањето на цените на основните прехранбени производи и на енергенсите на меѓународниот пазар, забавувањето на странската ефективна инфлација, како и поумерениот притисок од базичната инфлација. Извозот се очекува да има раст од 4,2 проценти, а увозот од 4,4 проценти како резултат на очекувањата за постепено стабилизирање на меѓународното опкружување и зголемувањето на надворешната побарувачка.
Амандманската расправа почна на 19 ноември, а треба да заврши најдоцна до 30 ноември.