Продолжува борбата со огнените стихии во државава, Мицкоски најави помош од неколку држави

Борбата со огнените стихии во државава продолжува. Гаснењето на пожарот на планината Серта се очекува да прододолжи утрово со хеликоптери и ер трактори. Во меѓувреме премиерот Христијан Мицкоски најави дека наскоро пристигнува помош од Словенија, Србија, Турција и Црна Гора во борба против пожарите.
Директорот на ЦУК Стојанче Ангелов вчера доцна попладне изјави дека продолжува да гори пожарот на планината Серта, и оти гаснењето продолжува утрово со хеликоптери и со ер трактори на Дирекцијата за заштита и спасување.
– Продолжува да гори. За жал не успеваме да воспоставиме контрола над него. Теренот е исклучително лош, има многу трња, многу грмушки, многу густ терен, испресечен со долови. Високата температура и ветерот што го менува правецот, дополнително го отежнува гаснењето, појасни тој.
Пожарот на Серта избувна во средата околу 10.30 часот.
Мицкоски синоќа во објава на Фејсбук напиша дека се бориме против огнените стихии поради топлотниот бран.
-Интензивно сме во комуникација со повеќе пријателски држави од кои побаравме помош во рамките на нивните можности за гасење на пожарите. За скоро пристигнува помош од Словенија, Турција, Србија и Црна Гора, напиша Мицкоски на Фејсбук.