Продолжува незадоволството на студентите на УТ од професорката Бесиана Мехмеди

Триесет студенти на Катедрата за музика при Универзитетот во Тетово потпишаа изјава дека нема да одат на настава и на испити кај професорката Бесиана Мехмеди. Алсат од свои извори дознава дека студентите, кои инаку се од прва до четврта година, изјавиле дека сакаат да држат предавања и испити кај професорот Бајрам Чупи. Деканот на Факултетот вели дека со оваа одлука на студентите треба да се занимава Ректоратот.
„Го почитуваме барањето на студентите да изберат со кој професор ќе држат предавања и испити. Ние се занимаваме со внатрешните работи на факултетот, за прашањето со професорката Бесиана Мехмеди треба да одлучи Ректоратот“, вели Нафи Јашари, декан на Факултетот за уметности – УТ.
Но, ректоратот е без конкретен одговор. Оттаму велат дека во моментов се почитува одлуката на Советот.
„Факултетот за уметности во моментов го води наставно-научниот процес согласно одлуката на Советот. Навремено ќе се справиме со новите ситуации кои може да се појават“, наведуваат од Канцеларија за информации – УТ.
Студентите по музика ги бојкотираа предавањата и протестираат против професорката Мехмеди, која ја обвинуваат за навреда и закани.
Мефаил Исмаили