ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Продолжуваат несогласнувањата на историчарите

Ангел Димитров, ко-претседателот на Мешовитата историска комисија од бугарска страна, оценува дека на неговиот македонски колега, Драги Ѓоргиев му се врши притисок. Во интервју за БНР, коментирајќи ја изјавата на Ѓоргиев, кој рече дека работата на Комисијата треба да се замрзне две години, Димитров вели дека треба да се искористи позитивната енергија.

Advertisements

„Тие имаат притисок од колегите историчари од Република Северна Македонија, како и од фрустрираните граѓани, кои видовме како вчера дури го исвиркуваат и претседателот Пендаровски, дека наводно ќе ги продал државните интереси. Притисок има и на политичко ниво, јавно од опозицијата, но и затскриено од други средини“, изјави Ангел Димитров – ко-претседател на Мешовитата историска комисија

Според Димитров, главното прашање кое создава притисок кај македонските членови на Комисијата е како ќе им се дозволи да ги направат неопходните корекции во историјата, додавајќи дека сепак клучот за евроинтеграцијата е во рацете на политичарите во Македонија, а не кај историчарите.

Во интервјуто, бугарскиот историчар, кој беше и амбасадор во Скопје, не пропушти и да спомене дека е мит тезата дека Гоце Делчев е Македонец, со што очигледно не го послуша советот од претседателот Стево Пендаровски – историчарите да не даваат вакви изјави во јавноста, бидејќи му штетат на процесот.

И министерот за надворешни работи, Бујар Османи денеска повтори историчарите да не коментираат политика, а политичарите да стојат подалеку од историските прашања, алудирајќи и на Декларацијата на ВМРО-ДПМНЕ за значењето на Гоце Делчев.

„За жал еве има политички партии кои сакаат да го минираат тој процес и да ја внесат дебатата за историските прашања во јавноста, кај граѓаните. Е тогаш влегуваат трети страни, влегуваат луѓе коишто сакаат да ги киднапираат тие емоции на луѓето, да ги однесат на своја воденица“, рече  Бујар Османи – министер за надворешни работи

Шефот на дипломатијата повтори дека работата на Комисијата не треба да се замрзне. /Алсат.мк 

Лука Андреев 

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button