Продолжуваат препукувањата меѓу ВМРО и СДСМ за автопатите

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николовски обвинува дека само 30 отсто од предвидените работници на автопатите кои ќе ги гради американско – турскиот конзорциум Бехтел и Енка ќе бидат од домашни граджни компании, останатите 70 отсто според него ќе бидат работници од странство. Тоа ќе биде сериозен удар врз градежниот сектор, кој и онака се жали на нарушена ликвидност на компаниите со образложение дека најголемиот дел од државните капитални проекти ги градат компании од странство. Опозиционерот бара од власта да ја каже вистината и да не ги држи во неизвесност домашните бизнисмени од градежниот бизнис.
„Објавувам два документи кои според свиркачите кои ни ги доставија се дел од спорниот договор за изградба на автопатите. Се работи за план 11 од договорот што се однесува на бројот на работници и план за работа. Во него е дефинирано колку работници ќе работат на автопатот и колку од нив ќе бидат од странство, а колку домашни. Огромни пари ќе се одлеат надвор во услови на немаштија, односно, од вкупниот број работници, само 30 отсто ќе бидат домашни, а дури 70 отсто странци“, пишува Николовски.
Од владеачката СДСМ реагираат и велат дека Александар Николовски пласира невистини околу стратешкиот проект за изградба на коридорите 8 и 10Д. Од СДСМ го цитираат членот на законот за изградба на автопатиштата, со кој се предвидува 51% да се домашни ресусри.
„Во член 11, став (3), односно во делот каде се регулира ангажманот за работници од дома и од странство јасно стои обврската стратешкиот партнер да користи најмалку 51% од локални ресурси. Тоа значи дека ако нашата земја има доволно локални ресурси односно работна сила, бројот на локално ангажираните ресурси може да биде и поголем од 51%. Во член 13 пак, во став 1 јасно стои дека ангажираните работници мора да имаат потребни дозволи за престој и работа и согласно овој специјален Закон точно е утврдена оваа процедура односно она што стои во Договорот е согласно со законот“, наведоа од СДСМ.
Договорот склучен со Бехтел и Енка, од Владата соопштија дека ќе го достават до пратениците со безбедносен сертификат.
Иле Петревски