Проф. Купчан: ЕУ да ѝ даде до знаење на Софија дека вакви политички игри со Скопје се недобредојдени

ЕУ треба да изврши притисок врз Софија во однос на приговорите за влез на Северна Македонија, а со тоа и на Албанија, во Унијата, заради некакви историски прашања. Администрацијата на Бајден ја охрабрувам да продолжи да го истакнува ова, и ја охрабрувам ЕУ, која е најодговорна страна во случајот, да и даде до знаење на Софија дека вакви политички игри се недобредојдени, вели во интервју за дописникот на МИА од САД, професорот Чарлс Купчан, постар соработник во Советот за меѓународни односи во Вашингтон.
Според него, за конечно да се решат недоразбирањата со Софија и Северна Македонија и Албанија да започнат преговори за влез во ЕУ, потребно е Бугарија и останатите влади во регионот силно да се посветат на демократски реформи и борба со корупцијата.
– И Бугарија и Северна Македонија треба да завршат огромна работа дома. Да извршат демократски реформи, борба со корупцијата, да се ослободат од економијата на патрони, да го подобрат квалитетот на независните медиуми и многу друго. Бугарија и Северна Македонија, како и другите земји во регионот, треба да го трошат целото свое време и енергија на реформи и привлекување инвестиции за подобување на животите на нивните граѓани. Да се навлегува во спорови за јазикот и историјата е непотребно и контрапродуктивно одвлекување на вниманието, всушност затоа и се употребува таа реторика, вниманието на јавноста да се одвлече од пропустите на власта која не си ја врши работата. Ги охрабрвам сите влади во регионот, вклучително и онаа на Бугарија, да престанат да играат историски и националистички игри, и да започнат со тешката работа за демократски развој и домашни реформи.