Проф. Мурати: Реформите во образованието да бидат суштински, да не се експериментира со учениците

Образованието во Македонија одамна има потреба за суштински реформи. Тие треба да бидат вистински и добро смислени и студирани најмалку пет години. Ова е оценката на професорот Џеладин Мурати, кој додава дека спроведувањето на нов и забрзан концепт е штетно за психофизичкиот развој на учениците и за наставниот процес.
„Суштинска промена би била учениците, да бидат растоварени од вишокот факти во учебниците, да се отстранат наставните содржини што не се во функција на развојот на учениците и училиштата. Да се отстранат прекумерните историски содржини, да се отстранат материјалите што немаат развоен карактер. Ова може да се направи лесно, може да се коригира наставната програма, а потоа и учебниците“, вели Џеладин Мурати, професор.
Професорот Мурати упати критики и за воведувањето на албанскиот јазик во новиот концепт на основно образование, како изборен предмет за учениците од неалбанска националност. Мурати бара албанскиот јазик да се учи од четврто одделение со два часа неделно.
„Албанскиот јазик во овој случај се здоби со, како што предлагаат авторите, статус на странски јазик, што всушност е погрешен пристап. Албанскиот јазик треба да биде јазик на државата и треба да се учи како Албанците што учат македонски јазик од четврто одделение два часа неделно. Само на овој начин можеме да зборуваме за мултикултурализмот како концепт што се промовира во нашето општество, а кој всушност не се реализира како што треба“, додава професорот Мурати.
Додека учениците се на зимски распуст, наставниот кадар и сите заинтересирани страни ќе имаат можност да даваат идеи и предлози за „Нацрт – концептот за основно образование“. Нацрт – документот на 48 страници беше објавен на веб страницата на Министерството за образование на пет јазици: македонски, албански, турски, босански и српски јазик. За да се подобри содржината на документот, идеите и предлозите треба да бидат испратени до 20 јануари.
Мелихате Рустеми