ВЕСТИЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈА

Промашена сезона на Шапка, можност останува уште март

Недостигот од снег и сончевото време среде зима ја направи овогодинешната туристичка сезона на Попова Шапка неуспешна. Од тоа најмногу настрадаа изнајмувачите на скии и друга зимска опрема. Бараат од дирекцијата на Попова Шапка и централната власт годинава да можат да направат отстапки, барем во делот на киријата бидејќи се жалат дека годинава не можат да излезат на крај.

„Не, ништо не можевме да заработиме, немаше сезона, немаше снег, немаше луѓе. Не работевме. За шест дена колку што работеше жичарницата нека ни зема кирија, ама шест дена работеше…“, вели еден изнајмувач на скии.

„Воопшто нема снег, нема туристи, годинава немавме ни од Косово. Штета. Инвестиравме нешто, а не добивме ништо“, додава изнајмувач на скии.

Загубите се уште поголеми во хотелските капацитети. Стотици илјади евра се губат само од откажувања на резервации како последица на немањето снег.

„Борбата продолжува, ние секогаш се бориме за егзистенција. Во моментов имаме многу откажувања, но има и огромни барања од луѓе кои само доаѓаат да прошетаат. Откажувањата се некаде околу 40 проценти, зборувам за оние кои практикуваат слободно скијање. Но и покрај откажувањата, има некои кои чекаат да дојдат во март ако има снег, па се надеваме дека ќе има нешто, можеби ќе има снег“, вели Хашим Хасами, сопственик на хотел.

Контактиравме и со директорот на ски-центарот Попова Шапка, Адем Хавзиу, кој рече дека се работи на олеснување на закупнините на оние кои оваа сезона не можеа да работат. Единствена надеж е ако падне снег во март. Авзиу вели дека има насобрано снег на локациите Г и Аеродром, каде се надеваат дека времето ќе потрае и оти барем неколку дена ќе има можност да се скија.

Башким Сулејмани

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button