ВЕСТИЕКОНОМИЈА

Промена на моделот за помош на ранливите семејства

Една четвртина од домаќинствата во Македонија зимата ја поминуваат во студени домови. Најновото истражување на УНИЦЕФ покажува дека до одредена мера мерките на владата во енергетската криза дале резултати, но има и мерки кои според експертите се лошо испланирани. Најзагрозени домаќинства во оваа криза се оние со повеќе членови во семејствата, но тие не добија помош во толкав износ како семејствата со еден или два члена. Експертите посочуваат и дека примателите на помош за енергетска сиромаштија никако не треба да бидат објавувани со име и презиме,што е пракса сега.

Advertisements

„Програмата која што е на национално ниво, а се дава до моментот додека се исцрпат финансиските средства, а тоа значи дека не сите корисници кои веројатно го остваруваат ова право може да добијат поддршка“, рече Маја Геровска Митев, универзитетски професор.

Регулаторната комисија за енергетика смета дека треба нов концепт за помош на ранливите категории на граѓани.

„Евтина цена на електрична енергија како што сме имале не е секогаш решение, бидејќи со евтина цена се чува социјален мир одреден период, но таа евтина цена ја користат и оние домаќинства кои немаат никаков проблем да си ги покријат своите трошоци за електрична енергија. Точно треба да се детектира на кого треба да му се помогне. Очигледно е дека оваа помош што се дава е за премал број на домаќинства“, рече Марко Бислимовски, претседател на РКЕ.

Домаќинствата кои се борат со енергетската сиромаштија од државата добиваат по илјада денари месечно во текот на есента и зимските месеци.

Експертите на денешниот форум за ефектите на кризата со енергија и храна посочија дека граѓаните ја платија сметката на енергетската криза која беше поизразена поради неинвестирањето во овој сектор.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button