ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Пропаѓа дел од кејот на Охридското Езеро во Струга

Со месеци пропаѓа дел по дел кејот на Охридското езеро во Струга. Иако состојбата станува се поалармантна никој од надлежните не презема мерки, состојбата да се санира. Станува збор за прометна локација, од каде секојдневно поминуваат голем број на граѓани.

Не само што ништо не се презема, туку овој дел од кејот кој е пропаднат, не е ниту обележан. Доаѓа туристичката сезона, па одовде фрекфенцијата на луѓе ќе биде голема.

Граѓаните велат еден поголем бран и она што е се уште здраво ќе пропадне.

„Тоа е катастрофа, но овде ништо не се знае. Овде нема закон. Во Струга нема закон. Се гради, се руши и тоа е катастрофа. Овде секој ден сум јас по рипчиња. Вака е два месеци. Ќе се шири, посебно ако почнат брановите, и ова сѐ ќе пропадне“…

„Прво треба да го средат тоа што е пропаднато. Треба да се направи се како што треба. Тоа треба да го направи градоначалникот. Секаде каде има дупки низ градот исто така треба да се направат“…

„Ова е со месеци. Ова е од кога се работеше чистењето на Црни Дрим. И слегоа под потпорниот ѕид и тие дали го видоа тоа или не. Настана пукнатина мала, па се прошири и паѓа секој ден сѐ подолу и подолу. Ако не се санира ќе си продолжи тоа наоколу. Моментално никој не презема ништо. Безбедноста не е добра посебно за децата“…

„Ова е чиста корупција. Парите се земат се трошат. Фирмата што ги зема парите од струјата им е страв за 10000 евра да инвестираат. Туристи секој ден поминуваат одовде и само гледаат во дупката“, реагираат граѓаните.

Реагираат и локалните продавачи на сувенири, кои во близина имаат тезги.

„Градоначалникот рече дека ќе го прави, ако не го прават ХЕЏ Глобочица, бидејки тоа било во нивна надлежност. Мора да се направи“, вели Јахја Ате-локален продавач.

Побаравме став и во општина Струга во Јавното претпријатие ЕЛЕМ, под чија надлежност е кејот и кога планираат да извршат санација, но одговор не добивме.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button