Проширување на владата, притисок врз ВМРО за уставните измени
Проширување на владата, притисок врз ВМРО за уставните измени

Со влезот на Алијанса за Албанците во Владата се создава фронт кој би можел да изврши притисок врз опозицијата да ги поддржи уставните измени, оценува политичкиот аналитичар Благојче Атанасовски. Сепак, тој додава дека овој притисок нема да вроди со плод ако е предводен само од партии од владејачката коалиција, и не е поддржан од највлијателните меѓународни партнери на земјава.
„Ова е само за да се направи еден фронт кон преостанатите две политички парламентарно претставени партии, тоа е коалицијата околу ВМРО-ДПМНЕ и двата пратеника на Левица, да бидат вперени со прст дека само тие се против изгласување на уставните измени и дека тие се кочничари на евроинтеграцијата“. изјави Благојче Атанасовски – политички аналитичар.
Атанасовски потсети дека и партиите од албанската опозиција би дале поддршка на уставните измени. Сепак, тој вели дека оваа соработка СДСМ-ДУИ-Алијанса може да продолжи и на долг рок.
„Се шпекулира во јавноста дека и влезот на Алијанса е фактички создавање на еден поширок обединет етнички македонско-албански фронт кој евентуално би настапил на идните парламентарни избори дали предвремени или редовни, бидејќи редовните доаѓаат наредната година, во една предизборна етничко македонско-албанска коалиција со заеднички листи“, додаде тој.
Инаку, додека се кроеше новото владејачко мнозинство, процесот на уставни измени остана во втор план. Премиерот Димитар Ковачевски минатата недела кажа дека се уште не е почнато да се пишува текстот на уставните измени и засега нема најава кога ќе стартува широкиот консултативен процес. Аналитичарот Атанасовски, повтори дека роковите течат и очекува до летово веќе да биде појасна сликата дали уставните измени се можни со овој собраниски состав./Алсат.мк
Лука Андреев