Протест, граѓани си ги бараат имотите кај автокампот Градиште

Со три часовна блокада на влезот на автокампот Градиште кај Охрид, поранешните сопственици на имоти на ова атрактивно земјиште на брегот на Охридското езеро, бараат да им бидат вратени парцелите одземени во 1957 година со конфискација од страна на државата. Иако дел од имотот кој бил во сопственост на МПЦ, со законот за денационализација, црквата успеала да си го врати во 2008 година, 36 семејства и околу 150 наследници, 21 година не успеваат во тоа. Наместо тоа, велат, со автокампот стопанисува друг.
„Имаме профитери кои профитираат на нашите имоти и прават големи пари. А, државата од сето тоа нема ништо. Пред два дена добив известување од градежниот инспекторат од Охрид, констатира во моментот 15 дивоградби. Ако се рушеа плажите низ Охрид и Струга, тука имаме уште поголем криминал. Некој замолчува, а криминалот е тука“, вели Ѓоре Танески-барател на имот.
„Се добива впечаток дека државата не може да се справи со узурпаторите на Градиште. Нашето земјиште сега е предмет на криминал, предмет на корупција, експлоатација, лично богатење и анархија. Кога зборувам за анархија, повелете сите да влезете да внатре, да видите како инспектори, државни службеници, судии – градат на наше место. Тоа се случува во моментот внатре“, рече Андријана Башоска-барател на имот.
Овие луѓе велат дека целиот имот во Градиште се проценува на повеќе од 20 милиони евра. За време на протестот не беа пропуштени луѓето кои имаат камп приколки во автокампот. Од фирмата закупец на автокампот велат дека стопанисуваат врз основа на уредно склучен договор со закуподавецот ИНЕКС Горица АД Охрид.
„Нашето друштво – закупец на автокампот нема ништо заедничко со барањата за враќање на имотите од страна на поранешните сопственици и ниту на било кој друг начин може да влијае на таа постапка…“, наведуваа од ТД МКМ Нова Трејд ДООЕЛ, Закупец на Градиште.
Сепак, ако нема брзо решение, поранешните сопственици на ова земјиште најавуваат радикални протести.
Мики Трајковски