
Матичните лекари започнаа штрајк на своите работни места во знак на револт кон здравствените власти што не ги исполнуваат нивните барања. Во текот на овие 3 дена нема да издаваат никакви упатства или рецепти и ќе ги примаат само итните случаи.
Штрајкот го организираше Здружението на приватни лекари, кои бараат од Министерството за здравство и Фондот за здравство да го зголемат коефициентот на наплата за медицинските услуги што ги даваат на осигурените пациенти, а кој според нив не е променет во последната деценија.
„Меѓу другото, бараме двојно зголемување на цените на приватните услуги, бараме унапредување на електронското здравство, зголемување на буџетот за специјалисти и лаборатории во руралните средини, како и не затворање на амбулантите на лекарите, кои сакаат да работат и после 64 години“, велат од Здружение на приватни лекари.
Од Министерството за здравство велат дека не поддржуваат никакви протести од примарната медицина кои привремено ќе влијаат на здравствените услуги на пациентите. Министерот Беким Сали побара проблемот да се реши со дијалог, велејќи дека промените не може да се случат под притисок.
Теута Ајети рече дека матичните лекари се потпрени на ѕид и не отстапуваат од барањата.
„Прво треба да го подигнете коефициентот на плаќање, кој не е зголемен 10 и повеќе години. Во оваа ситуација на светска економска и енергетска криза и сите проблеми со кои се соочуваме не само ние туку и целиот свет, имаме тешка ситуација во нашите амбуланти поради покачениот стандард со сите големи трошоци и ние како лекари тешко се соочуваме со оваа ситуација“, изјави Теута Ајети, лекар.
Ова е четврти штрајк за една година на околу 1.500 приватни лекари, за истото барање, кое и покрај постојаните ветувања се уште не е одобрено од Министерството за здравство. Најавуваат дека следен чекор ќе биде протест пред Министерството и Владата./Alsat.mk
Аднан Ќаили