Протест на семејствата на загинатите во Кочани
Протест на семејствата на загинатите во Кочани

„Задоцнета реакција“ беше мотото на протестниот марш кој во Кочани го организираа семејствата и роднините на настраданите во дискотеката „Пулс“. Во 12:05 часот започна маршот од Паркот на Револуцијата каде учесниците го изразија своето незадоволство од одложената реакција на институциите, кои според нив се една од причините за големата трагедија во Кочани.
Во тишина и тага, долгата колона на роднините на жртвите и други граѓани помина низ Градскиот трговски центар, застанувајќи кратко пред кафулето, чиј сопственик е газдата на дискотеката „Пулс“. Од тука се упатија кон Општина Кочани, и просторите на Државниот пазарен инспекторат.
Со едноминутно молчење, учесниците на протестниот марш пред Полициската станица го изразија своето незадоволство од неактивноста за спречување на катастрофата и побараа информации за досегашната истражна постапка од страна на Основниот суд и Основното јавно обвинителство.
„Бараме одговорност за тоа што го направивте“ беше единствената гласна порака што демонстрантите ја скандираа пред Обвинителството, која исто така беше испишана на еден од транспарентите што го држеа во рацете.
На транспарентите пишуваше: „Нашите ангели заслужуваат правда“, „Стоп за селективната правда“, „Ова не е несреќа, ова е убиство“ и слично. Демонстрантите потоа се вратија на својата почетна точка во Паркот и најавија дека ваквите протести ќе продолжат се додека одговорните на трагичниот настан не бидат казнети.