Протест против сообраќајното насилство, сестрата на Викторија: Пешачкиот премин да биде аларм за возачите

„Стоп за сообраќајното насилство“. Оваа порака денеска беше испратена на мирниот протест на раскрсницата кај „Сити Мол“, каде пред 10 дена загина 24 – годишната Викторија Николова додека поминуваше на пешачки премин. На протестот беа роднините, пријателите и познаниците на трагично загинатата Николова од Радовиш. Нејзната мајка, скршена од болка, за прв пат го посети местото каде Викторија беше прегазена.
„Отворете ги очите и белите линии на пешачкиот премин нека бидат аларм дека овде минува живот, како помина и замина нашата Викторија“, изјави Лилјана Николова, сестра на Викторија.
„Секогаш кога како возач храбро поминуваш на жолто, помисли дека можеш да ја убиеш твојата сакана личност. Секогаш кога како пешак мислиш да поминеш на црвено затоа што улицата е празна, сети се дека е подобро 30 секунди покасно, отколку 30 години порано. Да го спречиме тоа силување во сообраќајот и да престанеме да се однесуваме како да имаме други животи“, изјави Петранка Костадинова, СТОП ЗА СООБРАЌАЈНОТО НАСИЛСТВО!
Адвокатот на семејството Николови процени дека пешаците во земјава се загрозени. Апелира – да се почитуваат сите сообраќајни знаци.
„За жал категоријата на граѓани кои се жрви на сообраќајни несреќи, особено како пешаци се најчесто млади или студенти и повозрасните како пензионери. Целта е свеста и совевеста на возачите да биде на многу поголемо ниво за ова масакрирање низ улиците на Македонија конечно да престане“, рече Владимир Михаловиќ, адвокат на семејството Николови.
Жителите на Карпош сведочат дека на булеварот Партизански одреди се вози брзо.
„Се изнагледав сообраќајки, искршени коли, повредени и трагично загинати луѓе. Апелирам до надлежните – ако веќе не може со физичко присуство на полицијата, камерите не помагаат, нека се постават легнати полицајци пред секој семафор и на секој пешачки“, нагласи Томислав Неделковски, жител на Карпош.
„Истиот ден кога се случи оваа сообраќајка, јас и мојот син, три часа порано поминавме на овој семфор. Таму не е исправен семафорот. За пешаците црвеното не светеше. Јас требаше да го толкувам семафорот кога треба да поминам, а кога не треба да поминам“, рече Ефтим Здравевски, жител.
На 20 јануари не работеа семафорите на раскрсницата кај „Сити Мол“. Тогаш при преминување на пешачки премин трагично загина 24 – годишната Викторија Николова. Во неа удри 22 – годишен возач. Тој моментално е во притвор. Обвинителството соопшти дека возел со повеќе од 50 километри на час, а неговите адвокати тврдеа дека не возел ниту 50.
Само овој месец има девет жртви од сообраќајки со смрттни последици. Полициската статистика покажува дека лани при сообраќајки животот го изгубиле 111 граѓани. Лани биле пишани околу 240.000 казни, а брзо возеле повеќе 100.000 возачи. Брзото возење, вели МВР е најчеста причина за тешки сообраќајни несреќи.
Игор Стефановски