Протест во Струмица против рудникот Иловица-Штука

Граѓаните, во организизација на Еколошкото здружение „Здрава котлина“ – Струмица и Еколошкото здружение „Еко долина“ – Ново Село, се собраа на денешниот протест за да кажат „не“ за споената концесија за рудникот Иловица-Штука.
Се бара од државните институции да спречат отворање на рудникот за експлоатација на минерална суровина, руди на бакар и злато на локалитет во Иловица.
„Оваа реакција следува по шокантното спојување на двете концесии за рудникот Иловица-Штука од страна на Владата, која без никаква правна основа одлучи да им ги ресетира и продолжи роковите за спојување, како и да прикаже дека концесионерите и досега ги почитувале законите на Република Македонија. А напротив, концесионерите од ‘Еуромакс рисорсис’ го имаа прекршено Законот за минерални суровини по повеќе основи, поради што Владата во 2019 година им ја одзеде едната концесија за експлоатација, додека за втората концесија немаа ни побарано дозвола за експлоатација. Имено, законскиот максимален рок од 4 години за добивање дозвола за експлоатација, сметано од денот на склучување на договор за концесија, беше истечен и за двете концесии – за едната концесија во јули 2016, а за другата концесија во јануари 2020. Првата концесија беше одземена токму поради неисполнување на дури 7 од 9 неопходни услови за валидно барање за експлоатација!“, се вели во повикот на еколошките здруженија кои го органзираат протестот.