Протест за струјата, полицијата им ги искрши транспарентите на присутните

Протестен собир пред Илинденска број два за барањето за намалување на ДДВ-то на сметките за струја. Откако десетина граѓани, претставници на Граѓанската иницијатива „Доста е“ со пароли застанаа пред владината зграда, изреагира полицијата. Не им дозволија да дадат изјави за медиумите на скалите пред владата. Активистите возвратија дека уредно го имаат пријавено протестот во полиција, но полицајците не отстапија од своите намери, па дојде до кавга.
„Ние после може да ви го отвориме маилот да се уверите самите дека два маила сме им пратиле“, рече Кренар Османи, иницијатива „Доста е“.
Од Иницијативата „Доста е“ се револтирани на властите дека самиот премиер Заев ветил оти ќе ги следи европските директиви и ќе го намали ДДВ-то од 18 на 5 отсто, но засега ништо од тоа.
„Кажете ми пример од една европска држава каде што половина од семејниот буџет оди на плаќање на сметки на струја? Тоа го нема нигде, само кај нас“, додава Османи.
Активистите уверуваат дека нема да отстапат од нивните барања. А, по завршување на настанот повторно полицијата и активистите се искараа. Полицијата побара да бидат тргнати транспарентите кои активистите ги оставија потпрени на бетонските столбови, по што тие преместија на јарболите свртени накај владината зграда. Но, откако си заминаа, еден од полицајците брутално ги искрши.
Иле Петревски