Протести во струшко Корошишта против онлајн настава

Сѐ додека не се овозможи следење на настава со физичко присуство, нема да дозволиме нашите деца да следат настава он лајн, велат родителите на учениците од основното училиште Екрем Јакупи во струшкото село Корошишта. Тие денес на мирен протест заедно со своите деца, го искажаа незадоволството од ваквата одлука.
„Ние ќе бојкотираме бидејќи во нашето училиште има услови за настава со физичко присуство. Немаме услови за настава преку интернет, бидејќи многу родители не работат и немаат услови да купат технички средства, за следење на настава он лајн. Исто така немаме ни добар интернет. Затоа апелираме до Министерството за образование да дојдат да видат дека има услови овде за физичка настава“, рече Фитни Беќири-претседател на совет на родители.
„Ние во Корошишта ќе бојкотираме сѐ додека Министерството за образование не дозволи настава со физичко присуство во училиштето. Бараме да дојде комисија од министерството за образование, за да видат дали училиште ги исполнува условите за физичка настава“, рече Артим Велиу-родител.
Од раководството на училиштето велат дека ги исполнуваат сите услови за одржување на физичка настава. Од четврто до деветто одделение учат околу сто ученици, а наставата се одвива во две смени. Бидејќи струјата е монофазна во ова училиште, поради неможноста да се постави побрз интернет, нема услови наставниците да изведуваат онлајн настава.
„Како што изјави министерката за образование оние училишта кои поседуваат до 50 ученици им се одобрува настава со физичко присуство. Што значи дека ние ги исполнуваме тие услови за нормално изведување на настава“, рече Зини Јусуфи-раководител на училиштето во Корошишта.
Со бојкот на наставата и протести ќе продолжат и струшките средношколци кои најавуваат дека тоа ќе биде така се додека не бидат исполнети нивните услови. Проблеми има и во Дебар. Учениците од Средното училиште „28 Ноември“ одржаа протест во дворот на училиштето, во знак на незадоволство од одлуката за онлајн настава. Директорот на училиштето ги повика учениците од понеделник да дојдат во училиштето бидејќи ќе има настава со физичко присуство на учениците.
Градоначлникот на Дебар Дука пак, вели дека мора да се почитува одлуката на Владата и наставата во гимназијата да се изведува он лајн.
Мики Трајковски