Противпожарните екипи 24-часа дежураат во просториите на поранешниот тутунски комбинат во Тетово

Квалитетот на воздухот во Тетово е подобрен а количината на ПМ10 честичките е минимална, благодарение на ветерот што дуваше во текот на ноќта. Причините за пожарот во поранешниот тутунски комбинат остануваат непознати. Обвинителството се очекува утре да покрене истрага, бидејќи пожарот е веќе целосно изгаснат. Но, и покрај тоа што пожарот е изгаснат, од противпожарната единица во Тетово, велат дека не е отстранет ризикот од повторно ширење на пожарот во овој комбинат.
„Опасноста постои до моментот кога оттаму ќе се тргне опожарениот материјал, бидејќи се работи за материјал кој многу брзо се пали. Значи, секогаш одиме и го проверуваме местото на настанот, но таму има и полициски екипи и побаравме доколку има чад или нешто, ние сме подготвени да одиме и да интервенираме“, рече Авни Амети, ТПЕ.
По вчерашната средба во кризниот штаб во општина Тетово, заедно со полицијата, во фабриката каде што пред два дена избувна пожарот, наредено е 24-часовно дежурство на пожарникари, полиција и на брзата помош. Тие најавуваат построги контроли дури и за фирмите кои се занимаваат со производство.
„На местото каде што избувна пожарот на приватната фирма „Пофикс“, да се постави дежурна противпожарна единица, полиција, но и брзата помош да биде таму во случај на потреба, доколку пожарот повторно избувне. Да се ангажира општинскиот инспекторат да изготви извештај за сите индустриски капацитети, во која категорија припаѓаат и каде го фрлаат индустрискиот отпад“, порача Бесар Дуримиши, Кризен штаб, општина Тетово.
Околу пожарот во поранешниот тутунски комбинат реагираа и советниците од независната листа „Подобро за Тетово“.
„Со оглед на оценките на Центарот за управување со кризи дека да стигнеше пожарот до плинските силоси, половина Тетово ќе го немаше, мора да стравуваме за иднината на градот. Поради оваа причина, бараме да се преземат итни мерки за контрола на овие резервоари и истовремено да се распоредат во области каде што не претставуваат опасност за граѓаните“, реагираат од „Подоброто за Тетово“.
Инаку, во пожарот што пред два дена избувна во поранешниот тутунски комбинат 6 пожарникари и еден цивил, се пожалија на труење од чадот. Сите се во добра здравствена состојба и се пуштени од болница.
Башким Сулејмани