Проверки во училиштата пред почетокот на часовите

Скопјанката Суада Рамадани три дена по ред излегува во работно време за да ги земе децата од училиште, кои поради лажни аларми за бомби се принудени да ја прекинат наставата. Покрај психолошкиот товар на децата, револтирани се и родителите кои апелираат до надлежните институции за брзо решавање на ова прашање. Родителите кои се во редовен работен однос бараат слободни денови за да има кој да се грижи за децата во случај да бидат принудени да преминат на онлајн настава.
„Се случува трет ден по ред. Синот е малку потрпелив, посмирен. Но, ќерката се загрижува, ми вели дека се тресе, ѕвончето ѕвони и учителката вели излезете затоа што имаме проблем со греењето. Другите деца викаат дека има аларми за бомби, мамо, нешто ќе се случи, плаче. Многу е тешко и за децата и за нас родителите да ја доживееме оваа траума на многу мала возраст. Тие не се виновни, овие ситуации треба да се надминуваат бидејќи децата се многу мали“, вели Суада Рамадани, родител.
„Бараме државните институции, Министерството за образование, Владата и другите да ни овозможат еден од родителите да биде пуштен од работа и да се грижи за децата. Покрај тоа што имаат потреба од физичко обезбедување, тие секако не можат сами да се поврзат на интернет или преку аудио-визуелни алатки со училиштата“, додава Скендер Исени, родител.
Министерот за образование Јетон Шаќири рече дека барањето на родителите за слободни денови ќе го проследи до Владата. Тој додаде дека повторно побарал од безбедносните органи да ја разгледаат можноста за извршување на потребните проверки пред почетокот на наставниот процес.
„Во раните утрински часови да се проверуваат просториите и целиот објект. Откако ќе започне наставата да нема можност децата да излегуваат од училишниот објект. Наставниците да имаат еден распоред и тие да бидат внатре додека заврши наставата. Училиштето да се погрижи за безбедносноста и овие проверки да се направат однапред во училиштата во кои имаме најмногу дојави за бомби“, рече Јетон Шаќири, министер за образование и наука.
За учениците да не губат часови, Министерството за образование и наука веќе им наложи на училиштата да одржуваат онлајн настава, продолжувајќи од пропуштениот час по еден час пауза. Многу ученици и наставници не се согласуваат со оваа одлука поради немањето услови за онлајн.
Мелихате Рустеми