ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Проверките за Ковачевски и Димовски, продолжуваат

Проверките за Ковачевски и Димовски, продолжуваат

Иако МВР има поднесено кривична пријава до Јавното обвинителство за вкупно осум лица за злоупотребите во „Државна лотарија“, Обвинителството отвори предмет за шестмина од нив. Во случајот не се опфатени поранешниот премиер Димитар Ковачевски и поранешниот генерален секретар на Владата, Методија Димовски, иако и двајцата беа спомнати од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. За Ковачевски и Димовски Обвинителството не најде докази за нивна вмешаност. Сепак, истрагите продолжуваат.

Advertisements

Јавното обвинителство веќе извести дека кривичната пријава за наведените лица не е отфрлена. Во конкретниот случај до овој момент се обезбедија докази кои упатуваат на основано сомнение дека наведените шест лица презеле дејствија со кои исполнуваат обележја на кривичните дела за кои беше поведена постапка. За останатите проверките продолжуваат. Напоменуваме двете лица што ги наведувате се пријавени за сосема друг временски период и за други дејствија, а на седницата на 06.06.2023 година кога точка на дневен ред била наведената одлука претседавал единствено сега осомничениот.

ЈАВНО ОБВИНИТЕЛСТВО
• Кривичната пријава не е отфрлена
• Продолжуваат проверките
• Двете лица се пријавени за друг период

Во минатото јавноста беше сведок дека често во случаи на сомнителни јавни набавки, генералните секретари на Владата секогаш се соочувале со одговорност. Така првично се случи со Мартин Протуѓер, кој во случајот „Титаник“ беше осуден на две години условна затворска казна за злосторничко здружување, повреда на изборни права, поткуп и уништување изборен материјал.

Под лупа на Обвинителството беше и поранешниот генерален секретар на Владата Драги Рашковски. Тој заедно со уште шест лица беше осомничен за злоупотреба на службената положба и перење пари. Злоупотребата на должноста е поврзана со спроведување на четири постапки за јавно набавка со систем за биометриска идентификација, софтвер за мерење на брзината на возилата во сообраќајот, набавка на камери за препознавање на регистарски таблички и метални кабини.

Обвинителството и во 2022 година отвори истрага за Мухамед Зекири, кој беше и генерален секретар на Владата. Зекири беше обвинет дека склучил два договори без отворена јавна набавка. Првата е за консултантски услуги за приватизација на Македонски пошти, додека втората е за приватизација на Македонски железници. Вкупната сума за која Зекири беше осомничен дека го оштетил буџетот близу 90 милиони денари. Судењето за овие малверзации неодамна започна од почеток.

Генералниот секретар на Владата има должност да обезбеди законско и ефикасно работење на секретаријатот и да одобрува стручни упатства и акти со кои се уредува организацијата и начинот на работа. Во согласност со закон, одлучува за правата, должностите и одговорностите на вработените во генералниот секретаријат. Тој има задача да соработува со премиерот и другите министри, особено за стратешките приоритети и анализа на политиките. Има должност да ги организира седниците на владата и работните тела, но и да ја подготвува годишната програма за работа на Владата./Алсат.мк

Зекирија Хаџиу

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button