Прв академски час на факултетите на УКИМ, почнува студиската 2022/2023 година

На факултетите во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје денеска ќе бидат организирани први академски часови за симболично означување на почетокот на студиската 2022/2023 година и добредојде на новата генерација студенти.
Првиот академски час на УКИМ беше одбележан во саботата на Машинскиот факултет и, по пауза од две години поради КОВИД-пандемијата, се одржа со физичко присуство.
Бруцошите ги поздрави ректорот на УКИМ, проф. д-р Никола Јанкуловски, со порака дека е чест, но и голема обврска да се студира на најстариот, најдобриот и најголемиот универзитет во нашата држава.
– Затоа што знаењето, науката, талентот, креативноста и квалитетот се основни постулати во неговото работење… Ви посакувам низ студирањето да ве следат истрајноста, знаењето и желбата за ваш личен напредок и развој. Работете вредно, посветете им се максимално на студиите, соработувајте со вашите професори, соработувајте и меѓусебно, посветете се на вашата утрешнина, истакна Јанкуловски.