ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Прв судир на државниот врв во Софија

Средбата на претседателот Стево Пендаровски со претставници на македонските здруженија во Бугарија го разниша единството на државниот врв во Софија. По критиките на претседателот Румен Радев на адреса на премиерот Кирил Петков дека тој избрзал со посетата на Скопје, Петков одговори дека напротив посетата била задоцнета, но и додаде дека надворешната политика се креира во Владата.

Advertisements

Од коалициските партнери, Петков јавно доби поддршка единствено од претседателот на „Демократска Бугарија“, Христо Иванов.

„Треба да ги поддржиме напорите на премиерот Петков да даде поттик во позитивен дух. Од оваа гледна точка, ми се чини дека е непотребно да се критикува премиерот на овој начин “, вели Христо Иванов – претседател на ДБ.

Сепак, од друга страна, Иванов кажа дека е основана постапката на лидерот на социјалистите, Корнелија Нинова, која како вицепремиер за економија, одби да присуствува во Скопје на состанок на работната група, поради средбата на Пендаровски со претставници на ОМО-Илинден.
Бугарските политички аналитичари сметаат дека темата за Македонија допрва ќе создава проблеми во владината коалиција, но и во односите со претседателот.

„Македонија, стравувам, дека е еден прв конфликт, а оваа тема ќе продолжи да создава различни ставови меѓу Радев и Петков. Стравувам дека тука ќе има можност работите да не се развијат во добра насока “, вели Слави Василев – политички аналитичар.

Инаку, бугарскиот претседател Радев, споделувајќи загриженост за евентуални отстапки од бугарска страна, вчера истакна и дека со неговиот македонски колега ќе бараат погоден момент за средба, која би зависела од постапките на Пендаровски. Според Радев, Пендаровски се среќавал со сепаратисти.

„Нема измени во најавите за посетата на претседателот Пендаровски на Софија. Во однос на изјавата на претседателот Радев, за средба со организациите, веќе имаше објава од Кабинетот и коментар од претседателот Пендаровски дека средбата не е во спротивност со билатералниот Договор за пријателство, добрососедство и соработка, од 2017 година меѓу Северна Македонија и Бугарија “, наведуваат од кабинетот на претседателот Пендаровски.

Претходно Пендаровски истакна дека до крајот на февруари ќе ја посети Бугарија, со цел и претседателите од двете земји да дадат позитивен придонес во разговорите Скопје-Софија.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button