Прва средба на работните групи на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН

ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Влен“ ги формираа работните групи за продолжување на разговорите за евентуално коалицирање во идната влада и се очекува денеска да ја одржат првата средба.
Од „Влен“ за МИА потврдија дека работните групи од двете партии денеска ќе ја одржат првата средба и најавија дека имињата на претставниците во работните групи ќе ги споделат преку соопштение.
ВМРО-ДПМНЕ и „Влен“ во саботата ги договорија општите начела за соработка и таа ќе се базира на три постулати – евроинтеграции, забрзан економски развој, борба против криминалот и корупцијата и владеење на правото. На средбата присуствуваа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски со партиските потпретседатели и лидерите од партиите во Коалицијата „Влен“ – Арбен Таравари, Изет Меџити, Биљал Касами и Африм Гаши.