ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Прво анализа на странските искуства, па закон за канабисот

Врз основа на искуствата од десет земји, ќе се пишува предлог законот за легализација на канабисот за лична и медицинска употреба. Доктори – токсиколози, педијатри, студенти на фармацевскиот факултет, претставници од кабинетот на премиерот, МВР и Правда на последниот состанок се согласија да се анализира праксата во Португалија, Холандија, Чешка, Шпанија, Канада, Колорадо и Калифорнија, Израел, Хрватска и Албанија. Од сите овие земји ќе се соберат информации за законските одредби, бројот на корисници на канабис, бројот на затвореници за дела поврзани со канабис; бројот на смртни случаи, социјалните програми за ресоцијализација, економските бенефити и бројот на вработени во секторот канабис.

Јанаки Митровски од невладината организација „Билка“ вели дека е добро што има волја за измени, но работите премногу бавно се одвиваат.

„Со измените на Законот за опојни дроги со којшто се дозволи легализирање на медицински канабис кај нас се случи во март 2016, денеска сме 2021 јуни месец и работата не е мрдната од место. Од било кој аспект, ниту законските измени, факт е дека не ги остварија примарните цели… Она што го замерувам на сите три министри за здравство што биле од тогаш до сега, да не ги именувам, како и на двете Влади и претходната предводена од ДПМНЕ и сегашната од СДСМ е дека премногу декларативни заложби, а премалку работа на лице место“, рече Јанаки Митровски „Билка“.

Од Владата не прецизираат кога може да се очекува предлог законот да биде финализиран и оставаат решението да го предложи работната група.

„Од Работната група се очекува предлог законските измени да бидат изготвени преку целосно инклузивен процес на консултација со сите засегнати и заинтересирани страни. Вградените решенија содржани во законите треба да се базираат врз меѓународните стандарди и компаративните искуства на моделите во различни земји од регионот, Европа и светот по однос на статусот на употреба на канабисот“, наведоа од Владата.

Работната група ги дефинираше и поимите декриминализација, легализација и депенализација – термини со кои се означува елиминирање на кривичните дела поврзани со употреба на канабис и поседување на канабис за лична употреба, како и регулирање на околностите во кои употребата на канабис нема да се смета за казниво дело. За новото законско решение ќе треба да се изменат три закони: Кривичниот законик, Законот за контрола на опојни дроги и Законот за прекршоците против јавниот ред и мир.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button