
Тешката трагедија во Кочани го шокираше целото општество, но нанесе голема траума на семејствата кои ја чувствуваат болката поради загубата на своите најблиски. Психолозите велат дека овие семејства, како и преживеаните, треба веднаш да добијат психолошки третман за да се избегнат нарушувања кои произлегуваат од посттрауматски стрес.
„После секоја голема трагедија како онаа во Кочани, но и претходно доживеана од нашите граѓани, емоционалната болка, длабокото емоционално искуство во семејството е голема, затоа психолошката поддршка е неопходна за полесно справување со овие посттрауматски ситуации, што помага да се ублажи искуството од моментите на првиот трауматски шок. Во овие моменти, важно е по надминување на оваа состојба да се изврши проценка на психолошката состојба на преживеаните и нивните семејства, за потоа тие да бидат упатени до психотерапевтски и психијатриски служби, што ќе помогнат да се спречи евентуално посттрауматско стресно нарушување кај преживеаните и нивните семејства”,рече Небахате Зибери, психолог.
Според Зибери, преживеаните и засегнатите членови на семејствата во никој случај не треба да се оставаат само со почетна психолошка поддршка, туку треба да продолжат со психолошки третман подолг временски период.
„Почетната психолошка поддршка во овие ситуации е неопходна, но откако ќе помине одреден период, да се продолжи со обработка и упатување на специјализирани услуги за реинтеграција на младиот поединец, за да му се овозможи да се опорави и да го обнови својот животен стил со оваа промена. Третманот е индивидуален и секој организам го доживува овој трауматичен настан на свој личен начин“, додаде Небахате Зибери, психолог.
Комората на психолози на Северна Македонија ја нуди својата поддршка во секое време на преживеаните и членовите на семејството или на кој било друг на кој му е потребен ваков посттрауматски третман./Алсат.мк
Башким Сулејмани