Психoлозите полни со работа, кризите предизвикуваат анксиозност, параноја, депресија…

Континуираната криза во земјава која трае веќе неколку години ги наполни кабинетите за психо-терапија. Психолозите имаат работа како никогаш досега. Сите капацитети се фул, вели за Алсат психологот Мирјана Јовановска. Граѓаните се жалат за разни проблеми како аксиозност, параноја и депресија. Ги има од сите возрасти.
„Оние кои се повозрасни се грижат дали ќе имаат кариера, дали ќе може да заработат доволно, да донесат дома доволно за децата. Сега ќе одат на екскурзии дали ќе имаат пари, дали ќе имаме да јадеме до крајот на месецот, што ќе биде ако продолжи поскапувањето. Младите пак, го гледаат патењето на возрасните и проблемите кои се јавуваат во функционирањето и тоа се одразува врз децата“, вели Мирјана Јовановска, психолог.
Децата најмногу психички проблеми имале поради он-лајн наставата. Сега дојавите на бомби само им го влошува менталното здравје.
Напливот на граѓани кои имаат проблеми со менталното здравје според експертите започнува во втората година од пандемијата. И кога сите помислија дека животот се враќа во нормала, на сцена стапува енергетската криза која има дел од вината и за инфлаторната криза која доаѓа по почетокот од војната во Украина.
Од лани, па во следните неколку години Црвениот крст заедно со Светската здравствена организација работат на превенција од ваквите несакани ментални последици од овие кризи. Планот е да се детектираат и на време да им се пружа грижа на оние на кои им треба стручна помош. На тој начин експертите сметаат дека следните евентуални кризи луѓето ќе ги дочекаат многу поподготвени.
Иле Петревски