Пуштањето на продуктоводот Солун – скопска ОКТА засега е само најава

Македонската влада и грчката компанија Хеленик Петролеум засега имаат само добра волја за повторно да биде пуштен во употреба продуктоводот за гориво Солун – Скопје. Информациите кои Алсат ги доби од Владата се дека се уште двете страни не ги ставиле на маса условите за активирање на продуктоводот. Од ОКТА, компанија која е во сопственост на Хеленик, само ни потврдија дека има преговори и очекуваат решение. Не одговорија на нашите прашања кои се однесуваа на тужбата на грчката компанија против Македонија за непочитување на купопродажниот договор за ОКТА помеѓу Македонската влада и Хеленик Петролеум, која по втор пат бара оштета од државата во висина од над 30 милиони евра. Останува отворено прашањето дали договорот за пуштање во употреба на продуктоводот би можел да резултира со намалување или откажување на грчката страна од овие пари.
„Повторното ставање во употреба на продуктоводот Солун – ОКТА ќе обезбеди значителни подобрувања во снабдувањето на ОКТА, поради што ОКТА секогаш го поздравува постигнувањето решение помеѓу заинтересираните страни на продуктоводот“, велат од ОКТА.
Премиерот Зоран Заев во последните десетина дена два пати истакна дека има преговори за активирање на продуктоводот кој не работи од 2013 – та, од кога скопската рафинерија ОКТА не произведува нафтени деривати. И во емисијата Економски магазин на Алсат Заев истакна дека допрва условите ќе се договараат.
„Знаете дека преговараме со ОКТА, за пуштањето на нафтоводот. По кои околности ќе се договориме. Сето тоа за енергетиката е голем потенцијал“, рече премиерот Заев.
Инаку, преку продуктоводот во план е да се дистрибуира дизел гориво со што ќе се заменат цистерните со кои се носи овој енергенс од Грција. Ова не е прв пат да се актуелизира прашањето за пуштање на продуктоводот во употреба. Преговори имаше и пред две години кога и истече штетниот договор за Македонија со кој годишно владата мораше да набави по 500 илјади тони мазут од ОКТА, иако толкаво количество не и е потрбно на државата. Во последните пет години ова правило не се почитувало од македонска страна и затоа македонската Влада на Грците веќе еднаш им плати оштета од околу 40 милиони евра.
Иле Петревски