Пуштен во употреба училишен објект во населбата Барди во Блацe

По една деценија зборување за проблемот и притисок од јавноста, населбата Барди во Блаце доби основно училиште. Иако немаше табла со името на училиштето, ќе се вика „Михаил Грамено“. Училиштето изградено со модуларен систем, а во него ќе учат учениците до 5-то одделение. Иако недостигаат наставници и раководство, министерот за образование Јетон Шаќири рече дека на 1 септември ќе започне наставата и во ова училиште.
„Од оваа учебна година учениците почнуваат тука. Од денеска за сè ќе се грижи МОН. Очекувам утре учениците да започнат во ова училиште. Ги гледаме подготовките. Покрај учениците од прво одделение, во останатиот дел од училиштето ќе ги видиме и учениците од другите одделенија за да можеме да ги споиме паралелките. Ова што сега го кажувам ќе се спроведе од утре“, рече Шаќири.
Училишниот двор не е среден, но првиот човек на општината вели дека тоа е во процедура.
Децата од Долно Блаце низ годините настава следеа на другата страна на границата, поточно во Елез Хан во Косово. Изградбата на ова училиште беше ветувано неколку пати, главно во предизборни кампањи, но реализацијата беше заборавана по завршувањето на изборите. Камен темелникот беше поставен во јануари годинава.
Адријан Керими