
Неколку часа пред инаугурацијата на новоизбраниот американски претседател, рускиот претседател Владимир Путин му честиташе на Доналд Трамп, додавајќи дека е отворен за дијалог за Украина за да се постигне траен мир.
„Му честитаме на Доналд Трамп за влегувањето во администрацијата… Москва е отворена за дијалог со Соединетите Држави, кој ќе биде изграден на еднаква и взаемна основа со почитување“, рече Путин за време на синоќешниот состанок на Советот за безбедност и одбрана на Русија.
Рускиот претседател изјави дека Москва е отворена за дијалог со новата американска администрација за конфликтот во Украина, чие решение, како што рече, не треба да биде краткотрајно примирје, туку траен мир.
Сепак, нагласи дека руската влада ќе продолжи да се бори за интересите на својот народ, зашто, како што рече, тоа била основната цел на специјалната воена операција во Украина.
„Ја слушаме и неговата изјава за потребата да се направи сè за да се спречи третата светска војна, се разбира, ја поздравуваме оваа позиција и му честитаме на избраниот претседател на САД за преземањето на функцијата“, додаде рускиот претседател.