Работна средба на Стопанската комора и Владата за енергетската криза

Претставници на Владата и на Стопанската комора денеска ќе одржат работна средба за предлог-решенијата околу состојбите со енергетската криза. Делегациите кои ќе ги предводат министерот за економија Крешник Бектеши и заменик претседателот на Комората и претседател на Македонската енергетска асоцијација (МЕА) Кочо Анѓушев, ќе ја разгледаат најновата ситуација со движењето на цените на струјата на HUPEX берзата кои достигнуваат и до 500 евра за мегават час деновиве, а кои бараат итна и одлучна реакција на носителите на економската политика, соопшти Стопанската комора. На средбата ќе бидат дискутирани барањата и предлозите на МЕА кои во форма на Иницијатива нудат излезните решенија од енергетската криза, конкретно наменети за компаниите, односно за стопанството.