Работниците на одмор, на патиштата километарски колони

Продолжуваат долгите колони на чекање од двете страни на тунелот на патот Скопје-Блаце. Цел месец јули беше хаос со зголемен проток на возила, а сообраќајот се одвиваше по една лента.Градежната компанија „Гранит“ која ги реализира работите на автопатот Скопје-Блаце одлучи да оди на колективен одмор во шпицот на градежната сезона. Последниве денови не се забележани работници или механизација на терен, а од 27 јули до 7 август сите се на годишен одмор. Од Јавното претпријатие „Државни патишта“ велат дека тоа е нормално!
„Сите градежни компании одат на годишен одмор, ова не е ни прв ни последен пат! Работите ќе продолжат од понеделник, според предвидената динамика. Нема други застои во работата“, велат од Јавно претпријатие „Државни патишта“.
Но, ваквата состојба воопшто не е нормална за градежните инженери и архитектите на патна инфраструктура. Дел од експертите со кои контактиравме, рекоа дека доколку станува збор за површински интервенции на тунелот, без статичниот дел, санациите требало одамна да завршат. За универзитетскиот професор на Архитектонскиот факултет во Скопје, со вакви прекини се пркршува законот. Мирослав Грчев вели дека во шпиц на сезоната градилиштата треба да работат континуирано, особено во комплексна градежна патна инфраструктура од национален интерес, како што е случајот со автопатот Скопје-Блаце.
Граѓаните се револтирани од долгото чекање. Се работи за најскапиот автопати што се реализира во историјата на државата со јавни пари на даночните обврзници, односно на граѓаните.
Аднан Ќаили