Радев ја „затвора“ вратата за Скопје – Герџиков: Го менуваме ставот со некои услови

Фатлуме Дервиши
Претседателската дебата во Бугарија не го избегна и прашањето за Северна Македонија. Актуелниот претседател и кандидат за втор мандат Румен Радев вели дека се додека Скопје не ги почитува бугарските барања, вратата за почеток на преговорите за евроинтеграции останува затворена.
„Се прашувам зошто се уште се шпекулира дека може да има компромис за отворање на вратата за почеток на преговорите пред да слушнеме јасни и неоспорени гаранции. Сакам да ги уверам бугарските граѓани и да кажам дека Бугарија не може да каже „да“ пред да престане кршењето на човековите права на Бугарите во Северна Македонија, пред да се исполнат Копенхашките критериуми за членство во Европската унија, пред да заврши децениската систематска дебугаризација, почитување на културното наследство на Бугарите и искоренување на говорот на омраза“, вели Румен Радев, претседател
Се чини дека ова е унифициран став. Сличен став има и противкандидатот на Радев, Михаил Герџиков, кој е за целосно почитување на Договорот за добрососедство од Северна Македонија.
„За да се откажеме од овој став, мора да добиеме нешто друго. На пример, да се признае бугарското малцинство во Северна Македонија, да се видат некои економски придобивки наместо прашањата што ги набројав или да се каже дека историската комисија има само помошна улога“, вели Михаил Герџиков, кандидат за претседател на Бугарија
Радев освои најмногу гласови во првиот круг и се очекува да биде победник на претседателските избори за втор мандат. Властите во Скопје очекуваат да се одреди датум во декември откако победничката партија на парламентарните избори во Бугарија, која се очекува да ја формира следната бугарска влада, испрати пораки на охрабрување за можно решение меѓу двете земји. Но, додека нема Влада во Софија и не заврши процедурата за претседателските избори, политичките преговори остануваат да висат.