ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Радев побара посебно поглавје со бугарските услови во преговрачката рамка

Бугарија не попушта. И претседателот, Румен Радев, бара да се вметне посебно поглавје во преговарачката рамка за Северна Македонија со критериуми за добрососедство. Според него, Договорот за добрососедство не води кон решенија, па Бугарија има право да бара други средства за да ги брани својата историја, јазик и идентитет.

Advertisements

„Бугарија не е кандидат за членство, туку Република Северна Македонија. Таа мора самата да одлучи дали ќе продолжи со идеологиите на омраза од минатото или ќе започне демократски развој“, вели Радев.

Бугарската влада, пак, соопшти дека вчера на вонредна онлајн седница го утврдила ставот за преговарачките рамки за пристапување на Северна Македонија и на Албанија во Европската Унија. Во кусото соопштение нема детали за утврдената позиција, но потенцираат дека Бугарија е силен поддржувач на проширувањето на Унијата.

Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, денеска не изрази оптимизам дека е можен пресврт. Рече дека за следниве три дена, во пресрет на Советот за општи работи на ЕУ, нема некоја конкретна иницијатива и за толку кратко време не може да се надминат разликите кои траат со децении, но може да се работи на враќање на довербата меѓу двете страни.

„Постигнавме доста напредок во многу прашања, дури би рекол 7-8 прашања кои беа сензитивни за едната или другата страна, меѓутоа дали е тоа доволно за да се деблокира процесот не можам да кажам во овој момент, сè уште пред нас се уште три дена. Како што реков во неколку наврати, ќе работиме до последниот момент да аргументираме дека процесот на европските интеграции не е важен само за Северна Македонија, туку и за Бугарија и за сите членки на ЕУ, пред сè и за кредибилитетот на Унијата и за регионалната динамика“, изјави министерот Османи.

Тој објасни дека за да се донесе било каква одлука на конференцијата во вторник таа преходно треба да биде усогласена, а во моментов нема договор меѓу Северна Македонија и Бугарија.

На состанокот на амбасадорите на ЕУ на 6 ноември, Бугарија се спротивстави на усвојувањето на преговарачката рамка за земјава со образложение дека ги нема потребните гаранции за исполнување на бугарските услови за историските прашања, за македонскиот јазик и за идентитетот.

Советот за општи работи на ЕУ на кој треба да се усвои преговарачката рамка првично беше закажан за 10 ноември, но беше одложен за 17, во вторник. Тоа им даде дополнително време на Скопје, Софија и на германското претседателство за да ги приближат позициите. Но, со оглед на околностите, шансите за тоа се многу мали.

Алсат

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button