ЕКОНОМИЈАМАКЕДОНИЈА

Радијаторите на БЕГ студени, Скопје-Север почна да грее

Неколку дена по ред утринските температури се под 12 степени, но парно греење за најголемиот дел на скопјани нема. Утрово со топли радијатори се разбудија само корисниците на топланата Скопје-Север, која не е дел од Балкан Енерџи Груп. Станува збор за околу 500 домаќинства и мали фирми кои се затоплуваат од оваа топлана. Нејзиниот директор, Куштрим Рамадани, за Алсат вели дека имаат набавено одредена количина природен гас, но вели дека сами нема да можат да опстанат. Побара финансиска помош од Владата за до крајот на грејната сезона.

Advertisements

„Ние метар кубен гас купуваме за 125 денари, а продаваме за 65 денари. Тоа покажува дека не можеме да бидеме одржливи со ваквите цени. Мора да имаме финансиска поддршка за да може да испорачаме топлина…“, рече Рамадани.

Но, во поголемиот дел на Скопје треба да грее Балкан Енерџи Груп. Радијаторите на неговите корисници и понатаму се студени. Информациите на Алсат се дека Владата сè уште не може да се договори со компанијата Адора, фирма која лани ги купи топланите Исток и Запад. Сопственикот Ванчо Чифлиганец од девет часот утрово бил на преговори во Владата, но од Илинденска не откриваат детали. Нашите информации се дека Владата инсистира топланите да ги земе под закуп за потребите на Државните Електрани – ЕСМ, кои аплицираа да го преземат бизнисот откако БЕГ летово остана без лиценците. Но, од Адора бараат државата да ги купи топланите. Излез за ситуацијата засега нема. Во Скопје на БЕГ се приклучени околу 60 илјади домаќинства.

Иле Петревски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button