Рама: Братска прегратка за целата тетовска заедница и сите луѓе од Северна Македонија
Албанскиот премиер Еди Рама изрази длабоко сочувство до семејствата на жртвите од пожарот во модуларната болница во Тетово, а на повредените им посака побрзо закрепнување.
-Придружувајќи се кон сите вас во искреното и најдлабоко сочувство до семејствата на жртвите од синоќешната трагедија во Ковид болницата во Тетово, како и во братската прегратка за целата тетовска заедница и сите луѓе од Северна Македонија, ви посакува мирен ден вам и на вашите семејства, напиша Рама во објавата на Фејсбук.
И министерката за надворешни работи, Олта Џачка, напиша дека е „длабоко тажна поради трагедијата во Ковидболницата во Тетово“.
-Најискрено сочувство до семејствата и целата албанска заедница. Вашата болка е и наша болка, вашата трагедија е и нашата трагедија, напиша таа на Фејсбук.
Сочувство до семејствата на жртвите од пожарот и побрзо закрепнување на повредените посака и лидерот на опозициската Демократска партија, Љуљзим Баша.
-Премногу е тажна веста од Тетово. На овој трагичен ден се придружувам на болката на семејствата и роднините на жртвите и изразувам искрено и длабоко сочувство. Бог да ви даде сила да се соочите со оваа трагедија. Брзо закрепнување на повредените, пишува Баша.