ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Рама: Нато да ја контролира границата на Косово и Србија

НАТО да ја контролира границата меѓу Косово и Србија, повика албанскиот премиер Еди Рама. На денешната средба во Скопје со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг и лидерите од земјите членки на Алијансата од регионот, Рама истакнал дека настаните од Бањска не смеат да се повторат. Тој смета дека границата не е соодветно контролирана и служи за нелегални активности, како шверц на оружје и дрога.

„Тоа се активности кои потоа се испреплетуваат, како што знаеме сите, и со политичката активност, со ултранационалистички позадини кои предизвикуваат тешки девијации, како таа во Бањска, каде што загина припадник на полицијата на Косово и каде јасно излезе на виделина високата опасност за дестабилизација од еден конфликт, кој може да се третира на маса, преку дијалогот меѓу Косово и Србија посредуван од ЕУ“, рече Рама.

Столтенберг за време на мини балканската турнеја веќе објави зголемување на присуството на НАТО во Косово со нови илјада војници. Тој денеска кажа дека постојат одредени основи за загриженост за безбедносната состојба во регионот.

„Регионот е стратешки важен за НАТО, но постојат причини за загриженост. Гледаме сецесионистички закани во Босна и Херцеговина, кревка безбедносна состојба во Косово и тврдоглава нормализација меѓу Белград и Приштина. На сето ова и авторитарни држави, како Русија, се обидуваат да ги поткопаат нашите демократии со сајбер и хибридни закани“, рече Столтенберг.

Премиерот Ковачевски, зборувајќи за безбедноста на Балканот, кажа дека подготвеноста на НАТО е на многу повисоко ниво за разлика од обидите на поединци и организации за дестабилизација.

„Безбедносната ситуација во нашата држава е стабилна и не постојат никакви индиции за било какво нарушување на истата“, рече Ковачевски.

На неформалниот состанок на лидерите, каде присутни беа и хрватскиот претседател Зоран Милановиќ и црногорскиот премиер Милојко Спаиќ, Рама предложил да се создаде нов безбедносен формат во кој би учествувале и Косово, Србија и Босна и Херцеговина. Според него, овие три земји, како и земјите членки на НАТО од Југоисточна Европа треба да седнат на заедничка маса за безбедносните прашања, но тоа ќе зависи и од желбата и волјата во Приштина, Белград и Сараево. Столтенберг најави дека ќе ја разгледа можноста за една ваква нова иницијатива.

Лука Андреев

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button