
Премиерот на Албанија, Еди Рама, изјави дека Брисел е разочаран од Албанија, која бара нова изјава од Европската унија за косовско-српскиот дијалог, но и покрај тоа Албанија не отстапува од својата позиција. Тој додаде дека Албанија ќе биде подготвена да се усогласи со новата изјава на Европската унија која треба да вклучи осуда за постапките на Србија. Рама рече дека како никогаш досега во последниве 10 години е загрижен за високиот ризик на северот на Косово.
„Портпаролот на ЕУ вчера рече дека нема да има друга изјава без да заврши истрагата за тоа како се случи настанот во Бањска. Ние можевме да се согласиме и за тоа доколку Србија се оградеше од криминалната група и веднаш да иницираше сериозна и независна истрага. Но, наместо тоа, Србија избра да им оддаде почит на убиените“, рече Рама.
Рама рече дека има резерви за косовските лидери и нивниот став во врска со процесот на дијалог, но во овој случај, Албанија е на страната на Косово. Рама истакна и дека сегашниот формат на дијалогот не дава резултати и треба веднаш да се смени.
„Форматот досега, каде што се среќаваат двајца мажи, нема што да понуди за мир во оваа нова ситуација. КФОР треба да ја преземе контролата врз северот на Косово. Драго ми е што тоа сега го бара и Косово, исто како што ми е мило што Вјоса Османи побара учество на САД во изготвувањето на драфт за Асоцијацијата. Тоа конечно е чекор во вистинска насока“, додава Рама.
Рама додаде дека драфтот за Асоцијацијата на општини со српско мнозинство треба да биде во согласност со косовскиот Устав.
Алсат