
Најголемите празници за граѓаните Велигден и Рамазан Бајрам, најголемиот дел од граѓаните ги прославија со скромни трпези. И покрај најавите дека цените на храната ќе бидат намалени а традиционалните производи кои граѓаните секоја година ги купуваат за овие два празника ќе бидат многу по доспапни, тоа не се случи. Телешкото месо достигна цена од 850 до 1000 денари за еден килограм, свежото пилешко месо се продава и до 500 денари за килограм, цените на баклавите пак тортите или останатите слични кондиторски производи уриваат рекорди. Граѓаните кои ги анкетираше Алсат велат дека нема никакво намалување, а мерките се само обичен популизам
„Нема попусти…
„Не можеме да кажеме дека цените се намалени…“
“Многу малку има намалување. Оваа година трошевме повеќе од лани….
„Воопшто мерките не дадоа резултат. Тоа се само празни зборови пред народот дека нешто работат. Во корист на народот никој не работи“, рекоа анкетираните граѓани.
На иста мака беа и граѓаните кои минатата недела го славеа Велигден. Рекордна цена во последниве неколку години има и јагнешкото месо, за над 30 отсто поскапо веќе подолго време се продава и свинското месо. И покрај замрзнатата цена на јајцата, годинава граѓаните велат дека како никогаш досега за најголемиот христијански празник офарбале најмалку јајца.
„Многу тешко за работничката класа, со ниски плати, со ниски пензии многу е тешко…“
„Исти се цените, сѐ е исто сите се по старо…“
„Се знае, за Велигден се качуваат цените“, рекоа граѓаните.
Владата во обид да ја намали инфлацијата ги замрзна цените на дел од основните прехранбени производи.
„Согласно сите анализи, цените, посебно на прехранбените производи и енергенсите, целосно се стабилизирани и имаат надолен тренд, на намалување“, наведоа од владата.
Засега податоците на државната статистика покажуваат дека за една година трошоците за храна се зголемени за 20 отсто. А, пак, минималната потрошувачка кошничка за истиот период е поскапа за цели 15 илјади денари.
Иле Петревски