Рашковски ја бара Русковска како сведок: Ќе докажеме дека целиот процес е монтиран

Поранешниот генерален секретaр на Владата, Драги Рашковски, сега обвинет во случајот „Софтвери“до судот поднесе предлог како сведок да биде повикана шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) во заминување, Вилма Русковска, за да се соочи со неа во судницата и да докаже дека целиот процес против него е монтиран.
„Со нејзиното сведочење апсолутно од самиот почеток до самиот крај додека беше обвинител до вчера ќе докажеме како судскиот процес и целокупната постапка и не само судскиот процес туку и внатре во рамките на Обвинителството е местена целокупната истрага, целокупното поднесување на обвинителниот акт итн. Мислам дека е крајно коректно ако некој застане зад некој обвинителен акт и тврди дека е така, да се соочи во најмала рака со главниот обвинет во случајот – јас и да ги вкрстиме аргументите, а од друга страна да и биде предочено на сите инкриминирачки дејствија кои што според нас таа ги има направено допдека ја вршела истрагата“, изјави Рашковски за новинарите по завршувањето на денешното рочиште.
Прашан дали ова може да се протолкува како најава за кривична пријава против Русковска, Рашковски децидно одговори: „Апсолутно“.