Раскопано шеталиште на Црн Дрим ги пречекува туристите

Струга туристичката сезона и печалбарите ова лето ќе ги дочека со раскопано шеталиште од десната страна на Црни Дрим. Иако градоначалникот Мерко, на 8 ми мај, кога почнаа активностите за замена на старите со нови плочки вети дека градежните работи ќе се одвиваат со забрзано темпо, работите не само што не се завршени, туку не се стигнати ниту до половина.
Дополнително нема никаки информативни табли, кој е инвеститорот, која е фирмата која ги изведува градежните работи и како би изгледало новото шеталиште, а нема ниту информација, дали е распишан тендер и колку чини целиот проект. Реагираат и граѓаните. Велат дека општината избрала лош момент за вакви работи.
„Точно е дека сега е сезона и таму каде се одвиваат работите тие претставуваат пречка..“.
„Мислам дека овие работи што се започнати овде подобро е да се прват во некое подобро време, да не е во лето.Што се однесува до тоа што се збрува дека пат ќе се отвори мислам дека е непотребно.
„Оваа иницијатива е од страна на политичките фактори во Струга. Се знае дека сезона е сега и ова треба да се оствари, бидејки туристите се тие кои ќе ја посетат Струга исто и печалбарите што се надвор и тие доаѓаат сега во градот“, велат граѓаните.
Од Алијанса за Албанците се сомневаат дека на дел од шеталиштето ќе никне пат.
„Нашето сомневање го поткрепуваме со фактот со договорот кој го добивме кој е склучен меѓу општина Струга и изведувачот, каде во делот на спецификациите за работите кои се предвидени да се изведуваат во точка 4 стои асфалтерски работи со вкупна површина од 1260 метри квадрати, површина со асфалт, што значи дека во тој дел каде што сите граѓани се движеа слободно тие веќе ќе се судираат еден ден со патека која би била асфалтирана.Зошто би служела таа, ако не по неа да се движат автомобили“, рече Љуљзим Насуфи-претседател на Алијанса за Албанците, Струга.
Од Алијанса за Албанците велат дека нема информација ниту дали општината има одобрение за реконструкција и според која техничка документација се изведуваат работите.
Од општина Струга преку фејсбук страната, напишаа дека еден дел од шеталиштето ќе има одреден временски режим за снабдување на бизнисите со стока во утринските часови, додека во текот на денот и навечер тој дел ќе биде наменет за пешаци.
„Делот од шеталиштето што ќе биде уреден за снабдување со стоки ќе се контролира за влез и излез преку електронската бариера, на страната на реката Црн Дрим“, наведуваат од општина Струга.
Не се знае кога прокетот би бил готов.
Мики Трајковски