Распишан тендер за изградба на училиште во Барди, граѓаните скептични

Ново ветување за изградба на основно училиште во населбата Барди. Сега тоа го ветува вицепремиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, додавајќи дека е веќе издадена дозвола и објавен тендер за градба.
„Дадена е дозвола за изградба на основно училиште во населбата Барди, село Блаце и објавен тендер за изградба. Му се заблагодарувам на градоначалникот на Чучер Сандево, Јован Пејковски и министерката за образование Мила Царовска за соработката“, изјави Артан Груби, вицепремиер.
Инаку, во декември минатата година, МОН соопшти дека во текот на 2020 година, двапати пропаднал јавниот повик за избор на најповолен понудувач за реализација на проектот. Децата од населбата Барди во селото Блаце на само2 5 километри од Скопје се единствените во земјава, кои освен учебници и тетратки, во чантите носат и пасоши. Секој дена пешачат до училиштето во Косово. Таква е состојбата со децении.
„Би сакала да учам тука бидејќи до Косово е далеку, треба да патуваме пеш. Кога ја поминувате границата, дали ви ги бараат пасошите? Не, не ги бараат затоа што сме од училиште, веќе нè знаат, поминуваме секој ден.“, рече Хирмете, ученичка во четврто одделение.
Жителите на Барди се разочарани од долгогодишните ветувања за училиштето. Според нив, одговорните институции не ги земаат во предвид барањата на жителите.
„Ова веќе трае предолго – велат следната година, следната година, ниту една година не се реализираше. Ако сакаат, утре можат да почнат со изградба.“
До денеска беа дадени стотици вакви ветувања, речиси сите пред некои избори, било локални или парламентарни. Инаку, основното образование, не само што е загарантирано, туку и задолжително со Устав.
Мелихате Рустеми