МАКЕДОНИЈА

Раст на стапката на затворање во земјава за 25,5 отсто

Во земјава на 31 јануари минатата година т.н. стапка на затворање изнесувала 142 затвореници на 100.000 жители, што претставува нејзино зголемување за 25,5 проценти на годишно ниво, покажуваа податоците од Годишна казнена статистика на Советот на Европа за 2023 година.

Со ова, како што јави дописникот на МИА од Брисел, Северна Македонија се наоѓа на второ место меѓу членките на Советот на Европа според растот на стапката на затворање зад Молдавија, каде таа е зголемена за 52,1 отсто. Зад земјава се Кипар со раст на стапката на затворање од 24,8 проценти, Турција  со 15, Азербејџан со 12,5, Ирска со 11,7, Црна Гора со 11,3, Ерменија со 10,6, Хрватска со 10,4 и Унгарија со 8,7 проценти.

Најголемо намалување на стапката лани на 31 јануари 2023 споредено со истиот датум во 2022 година бележи Литванија од 8,9 отсто, пред Естонија од 8,8 и Грција од 5,2 проценти.

Од останатите земји од регионот, во Бугарија стапка на затворање за една година е зголемена за 8,1 отсто, во Србија за 4,2, во Словенија за 2,1 и во Албанија за 1,6 проценти, додека во Романија таа е непроменета. Инаку, просечната стапка на затворање во Европа бележи раст од 2,4 отсто.

Гледано, пак, номинално, со 142 затвореници на 100.000 жители Северна Македонија е на 15-то место меѓу 48 затворски управи на земјите членки на Советот на Европа опфатени со анализата.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button