Растат купиштата смет низ Скопје, расте и нервозата во „Комуналец“
Растат купиштата смет низ Скопје, расте и нервозата во „Комуналец“

Вработените во Комунална хигиена ги држат блокирани просториите на претпријатието во знак на протест поради отпуштањето на дел од вработените. Директорката Косана Мазнева во придружба на полицијата директно побара да го прекинат протестот и да се вратат на работа.
Од полицијата велат дека добиле пријава оти некои вработени спречуваат други работници кои сакаат да работат да влезат во претпријатието. Од МВР го известиле и Јавното обвинителство.
„Во полициската станица Гази Баба синоќа околу 23 часот било пријавено дека во јавното претпријатие во регионот Гази Баба, дел од вработените протестираат пред врата. Полицијата излегла на терен по што било констатирано дека протестирале околу 50 лица. Исто така на 09.07.2023 година околу 1.30 часот било пријавено дека дел од вработените спречиле други вработени да влезат во фирмата за да си ја вршат работата“, велат од МВР.
Но, оние кои протестираат тврдат дека работата ја прекинале без ничие влијание и оти никого не спречуваат да си ја врши работата.
„Не е точно, вчера го прашавме и колективот што бевме присутни, дали некој останува на сила или некој е под притисок да не излезе. Сите имаме исто мислење дека остануваме овде по своја волја, поради револтот за кој не обвинува директорката.“
„Директорката дојде синоќа со специјални полициски единици, не знам што сакаше да прави со нив, дали сакаше да внесе страв кај работниците или сакаше уште повеќе да нè револтира, видов дека работниците уште повеќе се изреволтираа кога ја видоа интервенцијата на полицијата.“
„Откако синоќа вршеше притисок сите се согласивме дека таа веќе не е директорка за нас. Дијалогот што постоеше до вчера е завршен. Ќе продолжиме додека не се исполнат сите барања и бараме оставка на поранешната директорка, бидејќи за нас таа повеќе не е директорка.“
„Веќе не е директорка, не ја прифаќаме за директорка, мора да си поднесе оставка, ќе продолжиме до смрт со штрајкови. Им се извинуваме на граѓаните што е навистина лошо, да разберат дека и ние имаме проблеми.“
„Што се однесува до заканите што ги кажа директорката, буквално ни се закануваа, самата ни се закани со полиција. Ни рече дека во понеделник сите ќе нè испрати на суд.“
Вчера на прес-конференција, директорката Мазнева отпуштањето на дел од вработените го оправда со направени низа прекршоци од нивна страна.
Ајнур Бафќари