Расте бројот на ХИВ позитивни пациенти

Државата крати средства на терапија за пациентите со ХИВ, тврдат од здружението „Заедно посилни“. Тие велат дека во буџетот во програмата за ХИВ за 2025 година предвидени се 90 милиони денари. Додека буџетот се намалува, расте бројот на позитивни пациенти. Па така пример во 2018 кога се лекувале 200 пациенти буџетот бил 95 милиони денари, а во 2025 година кога се очекува да се лекуваат повеќе од 500 лица буџетот е намален за 5 милиони денари во споредба со пред 7 години, а во меѓувреме трошоците растат.
„Буџетот за програмата за ХИВ за 2025 година е предвиден засега да изнесува само 90 милиони денари кои нема да бидат доволни ниту за обезбедување терапија, а во однос на мерките за превенција тоа ќе значи целосно нивно затворање“, вели Андреј Сених, координатор на работната група „Заедно посилни“.
Во Македонија секоја година со ХИВ заболуваат 46 лица, а во моментот 440 се на терапија. Доколку буџетот остане намален и се укинат мерките за превенција тогаш постои можност од зголемен број случаи на ХИВ и други сексуално преносливи инфекции, алармираат од здружението.
Извор: Телма