Расте бројот на невработени во Струга

Во Струга, за 10 месеци или од март 2020 година до јануари годинава бројот на невработени се зголеми за 57 насто. Односно, бројот на невработени се зголемил за 1.800 лица и наместо 3.140 активни баратели на работа, сега има 4.940 нови невработени. Бизнисмените од градот велат дека многу мали и средни бизниси ставија клуч на врата или се пред одлука за затворање. Причина е ситуацијата со ковид 19 и мерките за заштита. Бараат државната помош да се насочи кон стопанството, но и да им наложи на банките повторно да го одложат плаќањето на кредитите за уште некое време. На удар е месната индустрија.
„Ние како сектор кој е апсолутно зависен од работата на угостителските и трговските објекти, неработењето нивно и неможноста да се организираат настани кои се организираат како свадби и веселби, прави сериозен проблем во целокупното наше функционирање. И затоа доаѓаме во ситуација да имаме сериозни проблеми и загуби во работењето. Големи со стотици илјади евра“, рече Мевмед Џемаилоски, сопственик на фабрика за месо.
Проблеми има и во земјоделскиот сектор. Велат дека се многу погодени од кризата, а субвенциите, пред се оние за млеко се уште не се ипслатени.
„Соочени сме со поскап репроматеријал. Поскапена е сточната храна. Неколкукратно е поскапена и нафтата. Мала е помошта од државата со зелена нафта. Не можеме да стасаме до нивите со таа зелена нафта“, рече Бране Дамјаноски, сопственик на краварска фарма.
„Добиваме некои минимални субвенции, но тешко е. Имам многу познаници кои што затворија и ги откажаа своите долгогодишни бизниси. Се потешко и потешко е. Не гледаме надеж дека нешто ќе се подобри“, вели Каим Зејнел -бизнисмен.
Освен ова, имаше и слабата туристичка сезона ова лето во Струга и мал број на печалбари кои го посетија градот. Не се оптимистички прогнозите ни за следната туристичка сезона.
Мики Трајковски