Растот на економијата во земјава ќе забави

Растот на домашната економија годинава ќе забави како последица од војната во Украина. Светска банка во најновите проекции за Македонија ги намали очекувањата од 3,7 проценти на 2,7 проценти раст на бруто-домашниот производ за годинава. Продолжувањето на војната ќе предизвика уште пониска стапка на раст.
„Доколку се пролонгира војната во Украина ќе продолжи намалувањето на надворешната побарувачка, зголемување на цените на стоките и енергијата што ќе резултира со доцнење на инвестиции. Ова сценарио би резултирало со уште понизок раст на економијата и пониски фискални приходи“, наведуваат од Светска банка.
До крајот на годинава Светска банка прогнозира раст на инфлацијата кај нас од 5,5 проценти. Поскапувањето на храната и енергијата ќе ги зголеми трошоците на граѓаните и покрај преземените владини мерки. Препораките до Владата се да внимава на јавното трошење и да го решава проблемот со работната сила.
„Земјата да ги врати јавните финансии на одржлива патека и да го насочи својот фокус на решавање на структурните предизвици како што се опаѓачкиот човечки капитал, продуктивноста, миграцијата, слабите регулаторни рамки, лошата конкурентска политика, независноста на судството“, додаваат од Светската банка.
Продлабочување се очекува и на јавниот долг од 62,7 проценти од БДП, а во следните две години, според проекцијата, тој ќе досигне 64 проценти.
Андреа Чобанова