РЕГИОН

„Разделба“ не значи независност, туку крај на Република Српска, според амбасадата на САД во БиХ

„Разделба“ од Република Српска(РС) не значи независност на РС или крај на Босна и Херцеговина(БиХ), туку крај на Република Српска, соопшти амбасадата на Соединетите Американски Држави(САД) во БиХ, еден ден откако властите на тој ентитет најавија дека ќе и предложат „мирна разделба“ со другиот босанскохерцеговски ентитет, Федерацијата на Босна и Херцеговина.

Во објава на мрежата Икс (поранешен Твитер), амбасадата на САД соопшти дека овие планови значат отцепување и дека тоа е „опасна, неодговорна, антидејтонска акција која го става територијалниот интегритет, суверенитет и мултиетничкиот карактер на Босна и Херцеговина во ризик“.

Амбасадата на САД посочи дека тоа се клучните интереси на САД и дека ќе ги бранат и штитат, меѓу другото, „со тоа што ќе одговараат на оние кои ги изложуваат на ризик“.

Тие посочуваат дека властите на РС одлуката ја објаснуваат со „група лаги и дезинформации дизајнирани да ја исплашат јавноста“.

„Не постои меѓународен заговор за укинување на РС, а господинот Додик (Милорад, претседател на РС) не може да издвои ниту една изјава на ниту еден американски функционер кој повикува на укинување на РС“, се вели во соопштението.

Од амбасадата на САД додаваат дека „БиХ не е унија на два ентитета“.

„Како што е изрично наведено во Дејтонскиот мировен договор и во Уставот на Босна и Херцеговина, Босна и Херцеговина е држава наследник на Република Босна и Херцеговина. Уставот на Босна и Херцеговина не дава право на отцепување или „разделба“ ниту на ентитетите ниту на која било пониска административна единица. РС може да постои само во рамките на Босна и Херцеговина“, се вели во објавата.

Според американската амбасада во БиХ, активностите на Додик „ја ставаат во опасност иднината во евроатлантските институции што ја сакаат граѓаните на Босна и Херцеговина, вклучително и РС“, и дека патот што тој го предлага „ќе обезбеди граѓаните на РС, нивните деца и внуците да немаат мирен, просперитетен живот во демократијата каков што заслужуваат“.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button