Разрешена директорката на училиштето во Градско каде што ученик беше малтретиран од соученици

Градоначалникот на Општина Градско, Киро Нацков, преку фејсбук-статус информира дека ја разрешил директорката на Основното општинско училиште „Даме Груев“ во оваа општина каде што малолетен ученик подолго време бил малтретиран од своите соученици.
Во објавата на Фејсбук тој апелира сите засегнати страни да преземат одговорност, оти како што вели, иако е пријавено во МВР и Центарот за социјални работи, сепак сѐ уште нема никаква реакција по однос на овој случај.
„Во рамки на моите надлежности веднаш соопштувам дека во рамките на училиштето ја разрешувам директорката на ООУ ‘Даме Груев’. Веднаш потоа сакам да апелирам до МВР, Центарот за социјални работи, Државниот инспекторат за образование и сите надлежни да го испитаат детално случајот и онаму каде треба да се помогне и онаму каде треба да се сноси одговорност. Уште еднаш апелирам дека иднината на нашите ученици и деца е најважна и мораме да бидеме сите со високо ниво на свест. Ова не смее уште еднаш да се повтори“, пишува градоначалникот Нацков на Фејсбук.
Тој додава дека без разлика дали се постапило по овој случај, сега треба да се согледаат последиците и причините зошто е дојдено целата ситуација да излезе од контрола.